ЗА АРХЕТИПОТ ВО ГРАФИЧКИОТ ЗАПИС НА АЛЕКСАНДАР ЈОВАНОВСКИ МИЈАК
Графичката уметност, како и секоја друга уметност, е доживување на внатрешната Творечка сила, која го ослободува Творецот од надворешниот свет. Таа го следи онтолошкиот модел според кој се гради делото со сето негово духовно богатство.
Архетипот, според Јунг, е исконска слика и идеја, наследена и заедничка на сите луѓе, која го исполнува “Колективното несвесно“. Оваа Јунгова дефиниција на Архетипот е постојана во секое Творештво кое ќе тргне во потрага по неговите значења и вредности.
Графичките дела на Александар Јовановски Мијак е возбудлива загледаност во Архетипот. Со сите елементи од кои се создадени, а тоа значи со цртежот, светлото и темното, површината, бојата и композицијата, го откриваат неговото Творечко графичко толкување на “Колективно несвесното“.
Оваа графичка уметност носи во себе и возбудлива поетика, низ која нејзиниот Автор го доживува и открива Светот и Човекот во него. Старата порта “Накитена“ со графички знаци од слова, пречистена како структура, создава впечаток на сакрална музика.
Стариот Аван и Стариот Ѓуѓум, врз масата – простор, видени низ графичката дарба на Александар Мијак, поткрепени со Танцот на Белите Архаични знаци, се доживуваат како Битија што ги поврзуваат времињата во една единствена вечност.....
Александар Јованоски Мијак создава графичка уметност со јасен и личен Творечки знак, силно озаконет од внатрешниот негов свет.
Во тој Свет површината, бојата, формата и цртежот, се доведени до силна емотивна комуникација со Природата. Токму тоа е, сосема сигурно, најзначајниот белег на ова Творештво.
Природата овде не е измислена, туку одново графички пресоздадена. Така, пред нас се откриваат силни графички записи – слики, чии ликовни вредности се во самиот врв на Македонската современа графичка уметност.
Александар Јовановски Мијак има јасен и прецизен Творечки концепт низ кој ја создава Убавината како исконско суштество, според кое Емпириските нешта добиваат лик, вистинска вредност и смисла.
Пред нас е графичка уметност на Творец кој ја проповеда својата вистина. Овие графички записи го разбираат Архетипот како исконска слика што им припаѓа на сите луѓе, исполнувајќи го “Колективното несвесно“, со сопствен Творечки занес.
Проф. М-р Владимир Георгиевски
Академски сликар
...ДУХОВНАТА АРХЕТИПСКА МЕТАФОРА...
Временските окoлности во кои графичарот и сликар Александар Јовановски создава, навидум се неповолни со оглед на неминовните трендови на сложени и не секогаш убедливи опции. Но, таа иста неповолност е само прво искушение која еден млад уметник може да го поттикне и насочи кон сериозност и временост. Неговата идејна концепција обединува интереси посветени на есенцијалните вредности на; знакот, симболот, графизмот на буквата, предметни мотиви и естетика на просторни средишта врз кои се тие распоредени.
Обликот со иконична метафора е најчесто монолитна и допира до духовниот свет на архетипската симболика. Како академски графичар, Александар се служи со графичко писмо, отсликува графичка синтакса со веќе формиран ликовен став.
Како резултат на континуираната посветеност во периодот до – дипломските и магистерските студии, делата акумулираат снажен авторски белег со модерен сензибилитет со која се вообликува конечната претстава на уметничкиот исказ.
Во изложените графики од магистерските студии и во останатите сегменти од неговото творештво, препознаваме елементарен визуелен модел, метафоричен и јасен. Графичките форми на боените површини и транспонираните сегменти од мртвата природа се компонирани од основните ликовни елементи; точка, линија, текстура – на места со експанзивна улога и гестуален ракопис. Употребата на букви ... слогови ја нема смислата на јазичен семантички запис или порака. Идејата ја сведува на пластичен знак како белег на чиста визуелна сензибилност, со повеќе акционен отколку контемплативен карактер.
Примарната димензија на мислата со која Александар го поттикнува мотивот за творење е единствената мисла која му служи да со полн замав ги истражува постојните врски помеѓу природата и човековите спознавања, неговиот сензибилитет и доживувањата на постоечкото.
Лично, би можел да ги сумирам впечатоците од оваа изложба, следејќи ги долгогодишно неговите активности, познавајќи го Александар како личност и како автор. И знам дека со неговата опитност во комуникација со графиката и сликарството, со чувството за префинета занаетчиска вештина вредно изучувана од најмлада возраст, уметноста на Александар Јовановски Мијак ја потврдува димензијата на дефиниран авторски израз.
Проф. М-р Мирко Вујисиќ
Академски графичар